Објавен е првиот трејлер за биографскиот филм за Роби Вилијамс насловен „Better Man“, во кој поп-пејачот не го глуми актер, туку мајмун.
Во она што би можел да биде најчудниот биографски филм на сите времиња, 50-годишниот Вилијамс го позајмува гласот и ги пее песните, но врз движењата на актерот Џоно Дејвис компјутерски е анимиран мајмун.
„Better Man“ е режиран од Мајкл Грејси, кој се прослави со мјузиклот „Најголемиот шоумен“.
„Филмот е заснован врз вистинската приказна за метеорскиот подем, драматичниот пад и извонредното враќање на британската поп-ѕвезда Роби Вилијамс, еден од најголемите забавувачи на сите времиња. Филмот е уникатно раскажан од перспективата на Вилијамс и го следи патувањето на Роби од детството, преку членството во ‘Тејк дет‘, до неговите неспоредливи достигнувања како соло изведувач“, стои во најавата на филмот.
Премиерата на филмот ќе биде во декември.