Оскаровецот Метју Меконахи после шест години сними филм, „Ривалите на Амзија Кинг“, а по премиерата филмот добива одлични критики, меѓу кои и од угледниот „Вараети“, кој го спореди со македонскиот документарец „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска.
„Самиот филм е различен од сè што сте виделе, и на добар и не толку добар начин. Сепак, има една дрскост во овој филм, кој е неореалистичка музичка одмаздољубива бајка на пчелари од Западот. Режисерот Ендрју Патерсон има визија за животот и за тоа како да се раскаже приказна, која ја прикажува со голема самодоверба и жар. Дејството е сместено во рурална Оклахома. Меконахи го игра Амзија Кинг, искусен производител на мед и вдовец со срцева болест. Ова е филм кој ви овозможува да ја допрете ексцентричната душа на тој бизнис – повик, чување пчели и проиизводство на мед, што го направи и македонскиот документарен филм ‘Медена земја’“, стои, меѓу другото, во рецензијата на „Вараети“.
Педесет и петгодишниот актер за „Вараети“ кажа дека после шест години ѝ се вратил на глумата бидејќи го привлекле оригиналниот јазик и се погодиле времето, местото и просторот.
„Има автентичен хумор, вистинска невиност и многу срце и дух“, изјави актерот.