ОД УТРЕ СЕ ПРОДАВААТ БИЛЕТИТЕ ЗА ПРЕМИЕРАТА НА „БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ ВО МИЛЕНИУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од утре, во скопското кино Милениум ќе се продаваат билетите за македонската премиера на „Бикини Мун“, најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски, закажана за 22 март во 20 часот.

Филмот ќе игра на редовниот репертоар на киното, па следната проекција е веќе во 22 часот. Во продажба ќе бидат и билетите за наредните проекции.

Американско-германската копродукција „Бикини Мун“ е модерна мрачна бајка, која говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи.

Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзините приказна и однесување нѐ водат до работ на вистината и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија. Филмот е во целост сниман на локации во Њујорк.

Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите досегашни филмски проекти на Манчевски. Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствениот друг Македонец во филмската екипа е композиторот Игор Василев-Новоградска.

Светската премиера беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија.

Изминатиов период, „Бикини Мун“ беше прикажан на повеќе фестивали, а на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто ја освои специјалната награда од жирито. Деновиве следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), Истанбул, Менхетн (Њујорк), Франкфурт (Германија) и во Нешвил.