Актерката Дакота Џонсон на Венецискиот филмски фестивал кажа дека морала да оди на психијатар откако го снимила новиот филм на оскаровецот Лука Гвадањино, „Суспирија“

Ѕвездата од трилогијата „Педесет нијанси на сиво“ ја глуми главната улога во римејкот на италијанскиот хорор од 1977 година, кој е дел од главната програма во трка за Златен лав.

„Кога работите тешка тема, тежок материјал, тоа останува со вас. Ги апсорвирам чувствата на луѓето во мене. Добро е да зборувате после тоа. За мене беше пријатно искуство што разговарав со мојата психијатарка и што можев да се дистанцирам од филмот“, рече дваесет и осумгодишната Џонсон.

Џонсон, која е ќерка на Мелани Грифит и Дон Џонсон, како и внука на една од омилените актерки на Хичкок, Типи Хидрен, во „Суспирија“ глуми американска амишка девојка која патува во Европа за да стане дел од германска модерна танцова група, но открива дека тоа е само параван за мрачен култ.