ОДЛОЖЕНИ СИТЕ ПРОДОЛЖЕНИЈА НА „АВАТАР“, КАМЕРОН МОЖЕБИ НЕМА ДА ГИ РЕЖИРА ПОСЛЕДНИТЕ ДВА ФИЛМА

Лос Анџелес, (АП)

На „Патот на водата“ му требаше повеќе од една деценија да дојде во кината, но сагата „Аватар“ ни оддалеку не е готова. Компанијата „Волт Дизни“ објави дека премиерата на третиот дел се поместува за една година, од декември 2024 во декември 2025, што ќе се одрази и на следните планирани продолженија.

Така „Аватар 4“ треба да дојде во кината во декември 2029, а петтиот дел дури во декември 2031, 22 години од почетокот на серијалот. Џејмс Камерон кажа дека можеби нема да биде режисер на последните два филма, имајќи предвид дека во 2031 ќе има 77 години.

Продуцентот Џон Ландау изјави дека одложувањата се неопходни зашто на филмаџиите им треба повеќе време да ги комплетираат филмовите.

„Аватар“ и „Патот на водата“ вкупно имаат заработено над 5,2 милијарди долари на светско ниво.

Компанијата објави и дека два нови филма од серијалот „Војна на ѕвездите“ ќе излезат во 2026, седум години по последниот филм.