Во 2008 година, со излегувањето на „Ајрон Мен“, се роди она што ќе стане познато како „Филмски универзум на Марвел“, чии 21 филм донесоа вкупна заработка од 18,6 милијарди долари и ја редефинираа идејата на модерен блокбастер.

Долг три часа, „Одмаздници: завршница“ ќе стави крај на оваа сага кога денеска официјално ќе тргне во поход на кино благајните и за очекување е притоа да ги урне сите рекорди. Тој почна да се прикажува во Кина два дена порано од САД и веднаш донесе приход од 107 милиони долари.

Премиерата во САД ќе биде посебен настан, бидејќи во исто време ќе игра во 4.600 кина, најмногу за еден филм досега во Северна Америка. Голем број кина ќе бидат отворени прекувремено, а има и такви кои ќе работат 72 часа во низа. Во претпродажба биле купени карти во рекордна вредност од 120 милиони долари.

„Ова беше како Танос да пукнал со прстите“, велат од синџирот кина „АМЦ“.

За „Одмаздници: завршница“ ништо не е невозможно: ни домашна заработка од 300 милиони долари во првиот викенд, ни една милијарда на глобално ниво, ни уривањето на севременскиот рекорд на „Аватар“ од вкупни 2,8 милијарди долари.

„Ова е сеизмички настан за киноприкажувањето. Ова е како стогодишна поплава на филмови“, вели аналитичарот на медиуми Пол Дергарабедијан.

Реалните проценки се дека филмот во првиот викенд ќе заработи меѓу 260 и 300 милиони долари дома, односно од 800 милиони до една милијарда на светско ниво.

„Одмаздници: завршница“ од денеска е и на редовниот репертоар на кината Синеплекс и Милениум.