ПОТВРДЕНО СНИМАЊЕТО НА „ТОП ГАН 3“, ЌЕ ГЛУМИ И ТОМ КРУЗ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Том Круз се враќа во „Топ ган 3“, потврди студиото „Парамаунт“ за време на манифестацијата СинемаКон во Лас Вегас.

Тоа ќе биде продолжение на блокбастерот „Топ ган: Маверик“ на Џозеф Косински од 2022, кој стана хит во време кога повеќето киносали сѐ уште беа затворени поради ковид пандемијата. Снимен со буџет од 170 милиони долари, филмот заработи 1,5 милијарди долари на светско ниво. Круз со тоа ја повтори улогата на пилотот Пит Маверик Мичел по цели 36 години.

Најавата на третиот филм не е големо изненадување, имајќи предвид дека за него почна да се збори уште во 2024. „Парамаунт“ сега го потврди враќањето на 63-годишниот Круз, но засега не е потпишан договор со Косински.

Пред „Топ ган 3“, Круз ќе се појави во новиот филм на оскаровецот Алехандро Ињариту, „Digger“, во кој глумат и Сандра Хилер, Џеси Племонс и Риз Ахмед. Тој треба да има премиера на 2 октомври.