ОВДЕ СУМ БЛАГОДАРЕНИЕ НА ХИТ ЛЕЏЕР, РЕЧЕ ФЕНИКС ЗА НОВАТА НАГРАДА ЗА „ЏОКЕР“

Лос Анџелес, (Дејли мејл)

Хоакин Феникс синоќа доби уште едно признание за улогата на Џокер во истоимениот филм, откако беше прогласен за најдобар актер од Здружението на филмски актери (САГ). Неодамна тој освои Златен глобус, а е најголем фаворит за Оскар за најдобар актер.

За време на говорот, Феникс му се заблагодари на еден од легендарните Џокери, нарекувајќи го Хит Леџер негов омилен актер.

„Стојам овде, потпирајќи се на рамената на мојот омилен актер, Хит Леџер. Ти благодарам“, рече 45-годишниот актер на сцената во Шрајн театарот.

„Темниот витез“, во кој го играше Џокер, беше последниот филм на Леџер, кој почина од предозирање во јануари 2008 на 28 години. Една година подоцна, постхумно му беше доделен Оскар за најдобра споредна улога.