Откако годинава се закити со Оскар за „Обликот на водата“, Гилјермо дел Торо за првпат ќе режира анимиран филм.
Дел Торо доби зелено светло од „Нетфликс“ да го прави „Пинокио“, музичка верзија на класичната детска приказна за куклата која сака да оживее. Освен што ќе го режира филмот, тој ќе биде и сценарист и продуцент. Приказната ќе биде сместена во Италија во 30-ите години од минатиот век, во времето на подемот на фашизмот и Бенито Мусолини. Се очекува продукцијата да почне оваа есен.
„Ниту една уметничка форма не влијаела повеќе врз моите живот и работа од анимацијата и Пинокио е ликот со кој имам најдлабока лична поврзаност. Отсекогаш сум сакал да го правам овој филм“, изјави Дел Торо, чиј филмски проект за Пинокио долго време се одложуваше.
Тој ќе соработува на филмот со компанијата „Џим Хенсон“ и ќе го режира заедно со Марк Густафсон.