ПО НАГРАДИТЕ ВО ПЕРУ И ПАНАМА, „БИЗНИСОТ НА ЗАДОВОЛСТВОТО“ НА ЦВЕТАНОВСКИ ЌЕ ИГРА НА ФЕСТИВАЛ ВО ВЕНЕЦУЕЛА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Бизнисот на задоволството“, дебитантскиот игран филм на Гоце Цветановски, ќе учествува на деветтото издание на Меѓународниот филмски фестивал на Карипското Море (FICMARC), кој ќе се одржи од 19 до 21 јануари на островот Маргарита во Венецуела.

Ова ќе биде третпат филмот да игра во Латинска Америка и претходно доби награда за најдобар филм на фестивали во Перу и Панама.

Политичкиот трилер на Цветановски досега беше селектиран на повеќе од 20 филмски фестивали во Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Африка и Азија, на кои освои пет награди.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.