„Помирување“ (Closure) на полскиот автор Михал Марчак ја освои наградата Златен Александар во главната натпреварувачка селекција на 28. Филмски фестивал за документарци во Солун, доби и парична награда од 12.000 евра, а победата му носи директна квалификација за трката за Оскарите во 2025.

„Помирување“ ја следи потрагата на Даниел по неговиот 16-годишен син Крис, кој взори на 27 мај 2023 избегал од дома и се качил на автобус за Варшава. Единствената снимка од него е од безбедносните камери како стои дваесет минути на главнот мост во градот на реката Висла и ја гледа водата, а кога камертаа ќе се врати на местото неколку моменти подоцна, него веќе го нема. Даниел оттогаш го бара по бреговите на Висла и се обидува да го најде на секој начин, трогателно патешествие што ќе го донесе до помирување со можноста дека Крис се самоубил.
Жирито го нарече „Помирување“ филм кој „ја мобилизира филсмката уметност до крајни граници, давајќи ни искуство да бидеме едно со внатрешниот живот на татко во невозможна состојба и создавајќи нешто радикално присутно од отсуството“.
Режисерот Марчак му се заблагодари на Даниел, кој неодамна претрпел сериозна повреда на грбот, поради што не можеше да дојде во Солун. „Многу сум благодарен што ми дозволи да ја раскажам приказната за неговото семејство“, рече Марчак.

Сребрениот Александар и 5.000 евра го освои „Птици на војната“ на Либанката Јанај Булос и Сириецот Абд Алкадер Хабак, двајца новинари чија соработка почнува онлајн со документирање на војната во Сирија, додека Хабак живее во Алеп и Идлиб, а Булос во Лондон. Низ потресните архивски снимки од ужасните страдања на цивилите во војната во Сирија во текот на 13 години, се открива и нивната љубовна приказна која се гради прво на далечина, а потоа заедно во Лондон кој станува нивна заедничка база, оти секој од нив е вовлечен во следење на новите војни во Либан и Сирија.
Хабак рече дека овој конкретен филм бил и пат и судбина за него и неговата партнерка Булос, бидејќи хронолошки ги прикажува различните циклуси од нивниот живот среде вооружени конфликти, и тоа како војната ја обликувала нивната заедничка траекторија и во животот и во уметноста.
„Птици на војната“ освои вкупно 4 награди на фестивалот, меѓу кои и на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ. Во грчката селекција, НАГРАДАТА НА фипресци ја доби „Егзил(и), Приказни од еден остров“ на Јоргос Илиопулос.
Во селекцијата Новајлии, наградата „Златен Александар-Димитри Еипидес“ и 10.000 евра ја освои „Без трошоци“ на грчката авторка Мари Боули. Филмот е за млада келнерка во Атина која сонува да стане балерина, и бидејќи не заработува долволно, ќе одлучи да донира јајце-клетки.

Сребрениот Александар и 4.000 евра го доби кинеската режисерка Чува Лианг за „Реплика“, филм што го истражува феноменот на вештачката интелигенција како алатка за креирање љубовни партнери.
Во селекцијата Напреден филм, Златниот Александар и 6.000 евра го освои „Драга иднино“ на грчката режисерка Кристијана Чеиранагностаки, кој ја истражува судбината на архивите низ примерите на подземната архива на Арктикот, музејски артефакти во магацин во Холандија, скриени карпести цртежи во шума во Швајцарија и невронаучна студија за емоциите.
Сребрениот Александар и 3.000 евра го доби шпанскиот „Ниво“ на Карлос Мора Фуентес и Ана Беркоф, интимна медитација за животот и смртта, во која се испреплетуваат личните искуства на раѓање дете и смрт на татко со размислувања за климатските промени и човечкиот однос со природата.
М. КОСТОВА