ПОТВРДЕНО СНИМАЊЕТО НА БИОГРАФСКИ ФИЛМ ЗА МАЈКЛ ЏЕКСОН

Лос Анџелес, (АП)

Продуцентот на „Боемска рапсодија“, Грем Кинг, и сценаристот на „Гладијатор“, Џон Логан, работат на биографски филм за Мајкл Џексон, потврди Џо Дрејк, шефот на филмското студио „Лајонсгејт“, кое ќе биде задолжено за светската дистрибуција.

„Филмот ќе даде длабински приказ на комплицираниот човек кој стана Крал на попот и ќе ги оживее неговите најлегендарни настапи“, соопшти студиото.

Меѓу продуцентите на филмот се и Џон Бранка и Џон Меклејн, кои управуваат со имотот на Џексон, а проектот го поддржа и неговата мајка Кетрин.

Малку е познато за филмот, а не се знае ни кој ќе го режира. Логан и Грем претходно соработуваа на „Авијатичарот“, за кој беа номинирани за оскар.

„Првпат го запознав семејството Џексон во 1981 и почестен сум што ќе го донесам неговото наследство на големиот екран“, изјави Кинг.