Вечерва од 18 часот во Кинотеката премиерно ќе се прикаже краткиот филм „Тајните архиви на Скопје“. Носител на проектот е Филмскиот центар „Вардар филм“ во соработка со Кинотеката, а е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија. Целта на проектот е на младите генерации да им се претстави и доближи Скопје од пред неколку децении.

Габунија материјалите за филмот ги собирала по пат на јавен повик на социјалните мрежи и интернет портали. За овој видеоколаж, таа одбрала материјали од десетина семејства и тие се од различен тип, како родендени, свадби, прошетки и излети. Потоа следеле дигитализацијата и дигиталната обработка, на што работеле Александар Трајковски, Сашко Потер Мицевски и Дарко Ристовски.

Идејата на проектот, кој е поддржан од Град Скопје, е да не се влијае дополнително на материјалите, туку тие да се прикажат во реално светло, онака како што пред неколку децении биле направени од самите протагонисти.

Филмот ќе има проекција и на 17 ноември во Кино Култура, а се очекуваат проекции и во декември.