„ПРОФЕСОРОТ БАЛТАЗАР“ ПО 41 ГОДИНА ДОБИ НОВА ЕПИЗОДА

Загреб, (Јутарњи лист)

„Професорот Балтазар“, најпопуларниот производ на југословенската школа на анимиран филм, доби нова епизода, 41 година откако престана да се емитува.

Насловена „Аугустовата трета среќа“, таа премиерно беше прикажана викендов во Загреб, во режија на еден од креаторите на оригиналниот Балтазар, Борис Колар.

„Новиот професор Балтазар е седумминутен цртан филм и има побрз ритам за да се приспособи на денешните деца. Кој знае, можеби од ова ќе произлезе и нов серијал“, изјави Рената Бркиќ од „Ултра линк“, продуцентската куќа која стои зад овој проект.

„Професорот Балтазар“, осмислен од „Загреб филм“, имаше 59 епизоди, кои се снимаа и емитуваа во четири сезони од 1967 до 1978 година.