Филмската компанија кооснована од продуцентот Харви Вајнстин најави дека ќе поднесе документи за банкрот, откако пропаднаа преговорите со потенцијалните купувачи.
Разговорите биле прекинати пред две недели, кога главниот јавен обвинител на Њујорк поднесе тужба против „Вајнстин компани“.
Директорите изјавија дека банкротот е единствената прифатлива опција.
„‘Вајнстин компани‘ активно бараше купувачи, со цел да се спасат имотот и работните места. Денеска, овие преговори завршија без потпишан документ. Покренување на процесот на банкрот е единствената прифатлива опција во овој момент“, соопшти бордот на директори.
Изминативе месеци, Вајнстин се соочи со обвинувања од десетици жени, главно актерки, за сексуално вознемирување и силување. Адвокатот на Вајнстин изјави дека „фер истрага“ ќе покаже дека голем дел од овие тврдења се без основа. Тој е под истрага и на американската и на британската полиција, но досега не е покренато ниту едно обвинение.