РЕЖИСЕРОТ НА „НАЈГОЛЕМИОТ ШОУМЕН“ ЌЕ СНИМА БИОГРАФСКИ ФИЛМ ЗА РОБИ ВИЛИЈАМС

Лос Анџелес, (Гардијан)

Биографски филм за Роби Вилијамс е во подготовка, а ќе го снима режисерот на „Најголемиот шоумен“, Мајкл Грејси.

Во интервјуто за сајтот „Дедлајн“, Грејси, кој е и коавтор на сценариото, кажа дека продукцијата ќе почне ова лето. Филмот ќе ја раскаже приказната за една од најуспешните британски поп ѕвезди, кој ја почна кариерата како дел од групата „Тејк дет“.

Вилијамс сними четири од 60-те најпродавани британски албуми на сите времиња, повеќе од кој било музичар и иако не успеа многу да се пробие во САД, неговата популарност во Европа останува голема. Единаесет од неговите 12 соло албуми беа први на британската топ листа.

Грејси вели дека сите песни на Вилијамс повторно ќе бидат снимени, но не откри дали и тој ќе се појави во филмот.

„Како Роби ќе биде претставен во филмот, останува врвна тајна. Приказната е фантастична и сакам да ја претставам во нејзината груба реалност. Тој не е најдобриот пејач или танчар, па сепак успеа да продаде 80 милиони албуми низ светот“, изјави Грејси.