РИТА МОРЕНО ПО 60 ГОДИНИ СЕ ВРАЌА ВО „ПРИКАЗНА ОД ЗАПАДНАТА СТРАНА“

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Рита Морено се враќа во „Приказна од западната страна“ речиси 60 години откако освои Оскар во оригиналната филмска верзија.

Сега 86-годишната Морено ќе има нова улога во римејкот, што специјално за неа ја осмислил режисерот Стивен Спилберг. Таа исто така ќе биде извршен продуцент на филмот, за кој сѐ уште не се знае кога ќе излезе.

„Никогаш, дури ни во моите најлуди сништа, не сум се гледала себеси во оваа нова верзија. Но, бев многу возбудена кога Спилберг ме покани да учествувам. Цела треперам“, изјави Морено.

По потекло од Порторико, таа е еден од ретките луѓе кои имаат освоено Оскар, Еми, Греми и Тони награда.

„Приказна од западната страна“, кој освои 10 оскари во 1962 година, ќе биде првиот мјузикл во богатата кариера на Спилберг.

„Од прв момент сакавме да ја вклучиме Рита во продукцијата. Нејзината Анита е една од најдобрите изведби во историјата на мјузикли и мене лично омилена“, кажа Спилберг.