ШВАРЦЕНЕГЕР И НА 71 ГОДИНА Е РЕДОВНО ВО ВЕЖБАЛНИЦА – МИ СЕ ДОПАЃААТ НОВИТЕ МАШИНИ

Лос Анџелес, (Дејли мејл)

Арнолд Шварценегер вели дека и на 71 година и по последната операција на срцето сѐ уште редовно вежба, иако бил принуден да се приспособи на своето тело, кое почнало да се менува.

„Веќе не можам да правам чучњеви и други напорни вежби за нозете. Моите колена се оштетени и мора да ги чувам, затоа што сакам да продолжам да скијам“, изјави холивудската акциона легенда во интервјуто за „Менс хелт“.

Ова не значи дека поранешниот гувернер на Калифорнија се откажал од кревање тегови, но сега користи посовремена технологија во вежбалници.

„Би сакал порано да ги имаше машините на кои сега можам да вежбам, затоа што се навистина неверојатни. За човек кој оперирал рамо, колено и колк, тие помагаат да си најдам најсоодветни вежби. Некои вежби веќе не можам да правам, но благодарение на заменски машини, можам да го правам истото и да немам болки“.

Шварценегер во март беше подложен на нова операција на срцето, но тоа не го забавило. Во меѓувреме, станал уште поголем фан на возење велосипед.

„Сакам да возам низ целиот свет. Сега и до продавница одам со велосипед, бидејќи на тој начин вежбам нозе и имам сосема поинаков поглед на градот“.