СЕ ПОДГОТВУВА ТВ-ФИЛМ ЗА ПРИНЦОТ ХАРИ И МЕГАН МАРКЛ

Лондон, (Диџитал спај)

Има уште четири месеци до венчавката на принцот Хари и Меган Маркл, а кралската свадбена треска веќе зема полн замав во Британија, но и преку океанот. Пред големиот ден во замокот Виндзор на 19 мај, американската кабелска мрежа „Лајфтајм“ вели дека подготвува филм, со кој ќе се документира романсата на двојката.

Според интернет магазинот „Дедлајн“, проектот е именуван како „Хари и Меган: кралска љубовна приказна“, а ова го откри шефицата на програмата на „Лајфтајм“, Лиз Гатели.

Во филмот ќе се раскаже приказната како Хари и Меган се сретнале, осврнувајќи се на првите денови од романсата, со фокус на медиумското внимание што го доби таа откако есента 2016 година беше потврдено дека е во врска со принцот.

Режисерот и продуцент Менхај Худа, кој претходно работеше на серијата „Кралското семејство“, вели дека сѐ уште ги бараат идеалните актери за улогите на Хари и Меган.

Сѐ уште не е определен датум кога филмот ќе има премиерно прикажување, но како што потенцира „Дедлајн“, најверојатно, тоа ќе биде во почетокот на мај, само неколку дена пред свадбата.

Ова е втор филм кој ќе го прави „Лајфтајм“ за љубовните приказни во кралското семејство. Тој доаѓа по филмот за Вилијам и Кејт, кој беше премиерно пуштен неколку дена пред нивната свадба во април 2011 година.