Во првата година како прва дама, Меланија Трамп, родена во Словенија, често можеше да се види во облека од нејзиниот континент, спротивно на кампањата на Доналд Трамп, „Америка прво“, бидејќи неколкумина американски дизајнери јавно одбија да ја облекуваат, како реакција на модната индустрија против нејзиниот непопуларен сопруг.

Меланија е првата прва дама од континентална Европа, пораснала во Севница во Словенија, нешто повеќе од 100 километри од италијанската граница. Вистинскиот вкус за модата го развила додека живееше во Париз, како млад модел во средина на 90-ите, години пред да добие државјанство на САД во 2006 година.

Меланија Трамп во мај на Сицилија, кога носеше свилен капут со цветови од „Долче и Габана“ (Фото: АП)

Скапите дизајни на Долче и Габана, Дел Позо, Кристијан Диор, Емилио Пучи, Живанши и Валентино и смелите високи потпетици на Кристијан Лубутен денес се карактеристика на 47-годишната сопруга на милијардерот.

Откако стана прва дама, Меланија го избра Ерв Пјер, емигрант роден во Франција, за нејзин моден советник.

„Меланија веќе имаше изградено личен моден стил, пред да стане прва дама. Како што може да се забележи, сака костуми и фустани со нагласен струк. Јас работам на тоа да ја остварам нејзината визија“, изјави Пјер.

И покрај тоа што носеше креација на Ралф Лорен на инаугурацијата и покажа наклонетост кон американските брендови, како што се Мајкл Корс и Келвин Клајн, многу од нејзините најпрепознатливи изгледи биле од странски дизајнери.

Тоа е извонреден контраст со Мишел Обама, која ја користеше својата гардероба како начин да промовира најчесто млади американски дизајнери, како и со Лаура Буш и Хилари Клинтон, кои се верни на американските модни брендови.

Меланија во Обединетите нации носеше светлорозев модел на „Дел Позо“  со драматични ракави, што предизвика поголемо внимание од нејзиниот говор за заштита на детските права (Фото: АП)

Повеќето облека се купува надвор од принципот на малопродажба, без знаење на дизајнерската куќа дека таа е наменета за првата дама. Ова е многу невообичаено и спротивно на честите соработки на Обама со дизајнерите.

Додека модната сцена го фалеше стајлингот на Меланија во мај на Сицилија, кога носеше свилен капут со цветови од „Долче и Габана“, политичките коментатори немаа така розов поглед на цената на облеката вредна над 50.000 долари.

Тоа чинеше, како што тие брзо пресметаа, повеќе од просечниот годишен приход на едно домаќинство во САД.

Таа беше пофалена дека се облекла соодвeтно, носејќи „конверс“ патики од 50 долари и фармерки од 185 долари (покрај кошулата „Балмен“ од 110 долари) на еден настан, кога деца правеа градина околу Белата куќа.

Кога индискиот премиер Нарендра Моди ја посети Белата куќа, Меланија облече долг фустан од италијанската куќа „Пучи“ (Фото: АП)

Понекогаш, изгледот на Меланија содржи прикриена референца за настанот за кој се облекува. Таа носеше легендарно парче од француската мода, црвена јакничка „Диор“, за посетата на Трамп во Париз во јули.

Во мај, Меланија не ја стави на глава традиционалната шамија во Саудиска Арабија, туку носеше долгa кошула-фустан на Ралф Лорен. Фустанот ја симболизирал арапската пустина, а нејзините џебови во воен стил сугерирале облека на војници на Блискиот Исток.

Доналд и Меланија Трамп на меѓународниот аеродром во Флорида (Фото: АП)

Кога индискиот премиер Нарендра Моди ја посети Белата куќа, Меланија облече долг фустан од италијанската куќа „Пучи“. Фустанот во жолта боја, можеби, бил избран за да ги прикаже енергијата на земјата и нијансата на знамето.

Ако има порака во модата на Меланија Трамп, тоа е дека сака да изгледа добро, во согласност со скапиот личен вкус, што го стекна откако се ожени со Трамп во 2005 година.

„Таа не се грижи за она што другите го мислат за нејзината мода и секогаш останува верна на себеси”, изјави нејзиниот портпарол Стефани Гришам.