ШАДЕ ЈА СНИМИ ПРВАТА ПЕСНА ПО ОСУМ ГОДИНИ ПАУЗА

Лондон, (Гардијан)

Британската пејачка Шаде сними песна за новиот филм на Ава Дуверне, „Брчки во времето“.

Наречена „Цвет на универзумот“, тоа е првата оригинална музика од Шаде по осум години пауза, односно од излегувањето на нејзиниот последен, шести албум „Војник на љубовта“ во 2010 година.

„Не верував дека ќе каже ‘да‘, но, сепак, решив да ја прашам. Таа беше многу љубезна и се согласи. Вистинска божица. Почнавме заедничко патување, што никогаш нема да го заборавам“, изјави Дуверне.

Освен Шаде, филмот ќе содржи и песни од Сија, Деми Ловато и Ди Џеј Калед, а оригиналната музика е дело на иранско-германскиот композитор Рамин Џавади, најпознат по најавната шпица за „Игра на тронови“.

Во филмот што ќе излезе на 9 март играат Опра Винфри, Риз Витерспун, Крис Пајн и Зек Галифијанакис.