СТИВИ ВОНДЕР СО СВЕТСКА ТУРНЕЈА ЌЕ ОДБЕЛЕЖИ 50 ГОДИНИ ОД ЕДЕН ОД НЕГОВИТЕ НАЈПОЗНАТИ АЛБУМИ

САД, (Варајети)

Американскиот музичар Стиви Вондер најави светска турнеја по повод 50 години од објавувањето на неговиот легендарен албум „Songs in the Key of Life“. На секој од 18-те концерти Вондер ќе го испее целиот албум во живо.

Турнејата почнува на 13 октомври во Бирмингем и ќе опфати градови во Европа и САД, меѓу кои Париз, Копенхаген, Осло, Стокхолм, Амстердам, Даблин, Лондон, Њујорк, Чикаго, Вашингтон и Детроит. Последниот концерт е закажан за 19 декември во Лос Анџелес.

„Songs in the Key of Life“ беше објавен во 1976 и се смета за едно од најзначајните дела во кариерата на Вондер.  Албумот му ја донесе третата Греми награда за албум на годината, а подоцна беше вклучен во Националниот регистар на снимки на Конгресната библиотека на САД поради неговото културно, историско и естетско значење.

Вондер (76), кој во кариерата има освоено 25 Греми награди, последната турнеја ја одржа во 2024.

(Фото: Гети)