ШВАЈЦАРСКИОТ ФИЛМ „БЛЕХ-МУЗИКА“ НА 15 МАРТ ЈА ОТВОРА НЕДЕЛАТА НА ФРАНКОФОНСКИ ФИЛМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со проекцијата на швајцарскиот филм „Блех-музика“ на режисерот Франсоа-Кристоф Марзал на 15 март (20 часот), во Кинотеката ќе почне Неделата на франкофонски филм. По проекцијата на филмот ќе се отвори изложба на македонската уметница Јана Манева-Чупоска.

Неделата на франкофонски филм е во рамките на одбележувањето на месецот на Франкофонијата, а ја организираат Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со амбасадите на Швајцарија, Романија, Белгија, Албанија, Бугарија и Грција и Бугарскиот културно-информативен центар и Кинотеката.

На 16 март од 18 часот ќе игра бугарскиот филм „Бескрајна градина” на Галин Стоев, а од 20 часот романскиот „Слобода” на Тудор Гиуригу. На 18 март е најавен албанскиот филм „Делегација” на Бујар Алимани, па следуваат македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот” на Теона Стругар Митевска на 19 март, францускиот филм „Дивертименто” на Мари-Кастиј Мартијон-Шар на 20 март, белгискиот филм „Љубезните” на Оливије Ранже на 21 март, а на 22 март филмската ревија ќе се затвори со „Ефтихија” на грчкиот режисер Ангелос Францис.