ФИЛМСКИ ОМАЖ ЗА АНТЕ ПОПОВСКИ ОД 3 ЈУНИ ВО КИНОТЕКАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 3 до 6 јуни во Кинотеката ќе се одржи филмски омаж на академик Анте Поповски, соопшти Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“.

Ќе бидат прикажани повеќе филмови во кои Поповски бил сценарист или продуцент, со што јавноста ќе се запознае со уште еден, делумно запоставен аспект на творечката личност на Анте Поповски неговата дејност на полето на филмската уметност“, велат од Здружението.

Куратор на програмата е филмологот и советник во Кинотеката, Атанас Чупоски, а извадоци од есеистичкото творештво на Поповски ќе интерпретира актерката Софија Гогова-Врчаковска.

На 3 јуни, на роденденот на поетот, ќе има проекција на првиот македонски кандидат за Оскар, документарниот филм „Дае“ од 1979 во режија на Столе Попов и на играниот филм „Планината на гневот“ од 1968 на Љубиша Георгиевски, двата работени по сценарија на Анте Поповски.

На 4 јуни ќе бидат прикажани кусометражните документарни филмови „Кој век минува надвор деца“ (1975) на Љубиша Георгиевски, „Џафра“ (1978) на Кирил Ценевски и „Врати на бескрајот“ (1982) на Владимир Блажевски, сите по сценарија на Анте Поповски.

Следниот ден во летното кино на Кинотеката ќе бидат прикажани играните филмови „Време, води“ (1980) на Бранко Гапо и „Црвениот коњ“ (1981) на Столе Попов, во кои Поповски бил продуцент како тогашен директор на „Вардар филм“.

Филмскиот омаж завршува на 6 јуни со проекција на филмските портрети на Рафаел Алберти (1979) и Ежен Гилвик (1979) и на документарниот филм „Мостови-Струшки вечери на поезијата“ (1982), сите три во режија на Кирил Ценевски, а по сценарија на Поповски.