СИТЕ МУ ПРЕДВИДУВААТ ОСКАР НА ХОАКИН ФЕНИКС ПО ПРВИОТ ТРЕЈЛЕР ЗА „ЏОКЕР“

Лос Анџелес, (Си-Ен-Ен)

„Ворнер брос“ го објави првиот трејлер за „Џокер“ во пресрет на неговата светска премиера на Венецискиот филмски фестивал.

Во него, Хоакин Феникс ја наследува улогата на озлогласениот противник на Бетмен и ова е прв филм кој ја открива приказната за неговото настанување. Јавноста е неподелена околу мислењето дека Феникс е голем фаворит во претстојната сезона на награди, вклучувајќи ги и Оскарите, за кој досега трипати беше номиниран.

Во режија на Тод Филипс, филмот се случува во 1981 година и раскажува како пропаднатиот стенд ап комичар Артур Флек полека полудува и се трансформира во Џокер. Роберт де Ниро игра ТВ-водител кој придонесува за падот на Флек откако нема да му даде шанса на телевизија.

„Џокер“ е прв филм направен според стрип кој ќе има премиера во Венеција, а во киносалите доаѓа на 4 октомври.