Вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“, кој треба да го наследи „Хабл“, конечно е составен, откако беа собрани сите потребни елементи. Тој е заеднички проект на вселенските агенции на САД (НАСА), Европа (ЕСА) и на Канада (ЦСА) и планирано е да се лансира во орбитата во март 2021, откако ќе бидат направени неколку клучни тестови.

„Џејмс Веб“ ќе користи огромно огледало и најнапредни инструменти за да го види сјајот на најраните ѕвезди во универзумот, стари 13,5 милијарди години. Тој исто така ќе има моќ да ја определи и анализира атмосферата на голем број нови планети откриени надвор од нашиот Сончев систем, за да се утврди дали содржат услови за живот.

„Џејмс Веб“ ќе се состои од три главни дела: телескоп, голем сончев штит и вселенско летало што ќе управува со дневната работа на опсерваторијата. Овие три елементи сега конечно се поврзани во фабрика во Лос Анџелес, за да се продолжи со тестирањата.

Најчувствителниот дел е сончевиот штит, кој е со големина на тениско игралиште. Негова функција ќе биде да ги држи огледалото и четирите инструменти во постојана целосна сенка, додека тие ја набљудуваат вселената.

Телескопот „Џејмс Веб“ требаше да биде подготвен уште пред повеќе од една деценија и неговата цена, заедно со првите пет години во функција, ќе биде околу 10 милијарди долари, но за астрономите, тој е голем чекор напред во однос на „Хабл“.