Четири века стар будистички храм во Кјото, Јапонија, постави роботизиран свештеник во обид да привлече помлади генерации.

Речиси два метра високиот андроид Миндар е направен од Универзитетот во Осака, а како модел послужила Канон Бодисатва, будистичката божица на милоста. Проповедите од 25 минути ги врши на јапонски јазик, додека на екран оди превод на англиски и кинески.

„Вештачката интелигенција се разви до тој степен што беше логично и Буда да се трансформира во робот. Се разбира, машините немаат душа, но будизмот не е верување во Господ, туку следење на патот на Буда, па затоа ништо не менува што тој е претставен како машина“, изјави главниот чувар на храмот Кодаџи, Теншо Гото.

Миндар е направен главно од алуминиум, при што рацете, лицето и рамењата се покриени со силикон. Во неговото создавање биле потрошени еден милион долари.

„Големата разлика помеѓу свештеник и робот е што сите ние ќе умреме. Миндар може да се сретне со голем број луѓе и со тек на време да складира големо количество информации“, додаде Гото.