СКОРСЕЗЕ СЕ СРЕТНА СО ПАПАТА И НАЈАВИ СНИМАЊЕ ФИЛМ ЗА ИСУС

Рим, (Вараети)

Мартин Скорсезе ја посети Италија по гостувањето во Кан, при што се сретна со папата Фрањо и најави дека ќе снима филм за Исус.

На апелот на папата до уметниците одговорив на единствениот начин што го знам: со замислување и пишување сценарио за филм за Исус. И ќе почнам да го правам“, рекол Скорсезе на конференција во Ватикан, пренесоа повеќе извори.

Претставниците на 80-годишниот Скорсезе изјавија за „Гардијан“ дека немаат повеќе информации за проектот од она што го кажал самиот режисер.

Скорсезе пристигна во Италија набргу по премиерата на неговиот нов филм „Убијците на цветната месечина“ на Канскиот фестивал. Тој веќе има снимено два филма со религиозна содржина, од кои „Последното искушение на Христос“ предизвика големи контроверзи.