СОПРУГАТА НА РОБИН ВИЛИЈАМС СНИМИ ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА НЕГОВИТЕ ПОСЛЕДНИ ГОДИНИ

Лос Анџелес, (Скај)

Документарниот филм „Желбата на Робин” во режија на Тејлор Норвуд ја прикажува борбата со болеста во последните години од животот на холивудската ѕвезда Робин Вилијамс, во наратив на неговата трета сопруга Сузан Шнајдер-Вилијамс.  Робин Вилијамс се самоуби на 63 години во 2014.

Во документарецот неговите соседи раскажуваат за љубезноста и приземноста на Вилијамс, кој и покрај огромната слава и богатство избира да живее во тивко предградие, наместо во „затворена заедница во популарниот Лос Анџелес“.

Филмот ги следи и неговите чести посети на трупите во Багдад и начинот на којшто тој се идентификувал со американските војници, и покрај тоа што живееле различни животи. Ја прикажува и желбата да помага на луѓето и да ги забавува и смее во тешките моменти.

„Причината што овој филм требаше да се сними е затоа што Робин заслужуваше многу подобро. Да ги потсети луѓето на сите убави работи што тој им ги подари. Сѐ  што мислевме и претпоставувавме за него и за крајот на неговиот живот не е точно“, вели неговата сопруга.

Режисерот Норвуд вели дека бил исконтактиран од Шнајдер која сакала преку филмското платно да ѝ долови на јавноста со што се соочувал нејзиниот сопруг во последните години и мигови од неговиот живот и на тој начин да го одржи споменот на актерот.

„Таа сакаше филмот да се сними за да се подигне свеста и можеби да им се помогне на другиот којшто страдаат од истите нарушувања како и Вилијамс, депресија, анксиозност, параноја. Едноставно сакаше да ги потсети луѓето кој всушност беше Робин”, вели Норвуд.