ЕКОЛОШКИ ХОТЕЛ И МУЗЕЈ ВО ПАРК – НОВИТЕ ЗГРАДИ КОИ ЌЕ ГО ОБЛИКУВААТ СВЕТОТ ВО 2021

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

Пандемијата на ковид-19 ја стопираше  работата на проектите низ светот, но 2021 треба да донесе возбудлива листа на нови архитектонски објекти. Нарачани и дизајнирани пред неколку години, овие објекти веројатно нема да ги рефлектираат новините што ќе произлезат од ковид-19, но сепак се во согласност со духот за одржливост на современата светска архитектура. Од музеи до центри за уметност, ова се најочекуваните згради на „Си-Ен-Ен“ кои треба да бидат отворени или завршени оваа година.

                                                                               Библиотеката Фар Рокавеј во Њујорк


Оваа впечатлива библиотека на површина од 20 илјади квадратни метри во Квинс, Њујорк, ќе ја замени малата, но популарна библиотека која беше на истата локација. Светлината ќе се прелива преку триаголник од стакло на влезот – како и преку впечатливата проѕирна обвивка. Според архитектите од норвешката фирма „Снехета“ златната нијанса на зградата ја рефлектира бојата на небото на Лонг Ајленд.

                                                                              Центарот за уметност во Тајпеј

Осум години откако започна изградбата, Центарот за изведувачки уметности во Тајпеј конечно треба да биде готов до средината на 2021 година. Изграден за 192 милиони долари, неверојатната зграда во форма на планета несомнено ќе стане современа знаменитост за главниот град на Тајван.

 

                                                                               Акварела во Кито 

Поминаа повеќе од 10 години откако францускиот архитект Жан Нувел ја доби Прицкеровата награда, и тој сѐ уште продолжува да зачудува. Меѓу неговите најнови проекти е и Акварела, станбен комплекс од 650 станови во населбата Кумбаја, главниот град на Еквадор, Кито.
Камената обвивка, дрвените ролетни и надворешното зеленило се наменети да ѝ помогнат на зградата да се асимилира со природата.

 

                                                                               Хотел „Куќа на зелена резолуција“ во Данска

Данска наскоро ќе го добие она што се опишува како нејзин прв климатски позитивен хотел, што значи дека зградата е дизајнирана да заштедува повеќе јаглерод отколку што испушта. Структурата е изработена скоро целосно од дрво – од кои голем дел е рециклиран.

 

                                                                               Музеј на унгарската музика

Славниот јапонски архитект Соу Фуџимото го дизајнираше овој музеј и едукативен центар насловен Куќа на унгарската музика во главниот парк во Будимпешта. Зградата е наменета за славење на богатите музички традиции на земјата, но исто така служи и за привлекување на посетителите во парковите во јавните објекти.