СУПЕРХЕРОИТЕ И ВО 2020 ЌЕ ДОМИНИРААТ НА СВЕТСКИТЕ КИНОБЛАГАЈНИ

Лос Анџелес, (Гардијан)

Судејќи според најавите, филмовите со суперхерои и следната година ќе доминираат на светските киноблагајни.

Благодарение на соработката со „Марвел“, „Дизни“ ја завршува годината со рекордна заработувачка од 10 милијарди долари, но за 2020, и ривалскиот „Ди-Си комикс“ има свои силни адути.

ПТИЦИ ГРАБЛИВКИ

Спинофот на „Одредот на отпишаните“ е заснован на ликот на Харли Квин (Марго Роби), која сега предводи одред на одмазднички кои треба да заштитат млада девојка од ужасниот криминален бос Блек Меск (Јуан Мекрегор). Премиера: 7 февруари.

БЛАДШОТ

Вин Дизел глуми воскресната жртва на убиство која се претвора во машина за убивање. Бладшот е лик на „Валијант комикс“. Премиера: 13 март.

НОВИ МУТАНТИ

Веројатно последен од „Икс-Мен“ серијалот, фокусот во овој филм е на група млади мутанти (Меџик, Волфсбејн, Кенонбол, Санспот и Мираж) кои се обидуваат да избегаат од центар каде што ги држат како затвореници. Во главни улоги се Мејзи Вилијамс и Анја Тејлор-Џој. Премиера: 3 април.

БЛЕК ВИДОУ

Откако се појави во осум наслови од Филмскиот универзум на Марвел во последните девет години, Наташа Романоф конечно добива свој соло филм. Ова исто така значи влез на Рејчел Вајс и Флоренс Пју во семејството на „Марвел“. Премиера: 1 мај.

ВОНДЕР ВУМАН 1984

Пети Џенкинс направи продолжение на својот голем хит, кое, како што кажува и насловот, е сместено во 1984 година. Гал Гадот се враќа во улогата што ја прослави, а нејзини нови противници се Чита (Кристен Виг) и супербогатиот бизнисмен Максвел Лорд (Педро Паскал). Премиера: 5 јуни.

МОРБИУС

Покрај „Веном 2“, ова е уште еден спиноф на „Спајдермен“, во кој главен лик е научникот-вампир Мајкл Морбиус (Џеред Лето). Засега не се знае многу за приказната. Премиера: 31 јули.

ВЕНОМ 2

По неочекувано големиот успех на првиот филм, Том Харди се враќа во улогата на вонземскиот симбиот. Во режија на Енди Серкис, Веном ќе се соочи со друг припадник на неговиот вид, Карниџ (Вуди Харелсон). Премиера: 2 октомври.

ВЕЧНИТЕ

Анџелина Џоли дебитира во светот на суперхероите како едно од божанските вонземски суштества (заедно со Ричард Маден, Салма Хајек и Кумаил Нанџијани) кои треба да го заштитат човештвото од еден милениум долгиот конфликт со Девијантите. Премиера: 6 ноември.