ТИМОТИ ШАЛАМЕ ВЕЛИ ДЕКА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА УЛОГАТА НА БОБ ДИЛАН МУ БИЛЕ НАЈТЕШКИ ДОСЕГА

Њујорк, (Ројтерс)

Тимоти Шаламе го спореди играњето на музичката легенда Боб Дилан со спортски подвиг, зашто траело многу подолго одошто очекувал. Тој бил избран за оваа улога уште во 2019, по што се случија пандемијата и штрајкот во Холивуд, поради што имаше две долги одложувања на снимањето, кое конечно продолжи во март годинава.

Биографскиот филм „Целосно непознат“ (A Complete Unknown), кој ги следи раните музички години на Дилан, конечно ќе излезе во кината следната недела, на Божиќ.

За да се подготви за улогата, Шаламе учел да свири гитара и хармоника и работел со гласовен тренер со цел да го промени нежниот начин на пеење од „Вонка“ во карактеристичниот, назален вокал на Дилан.

„Ова е најдалеку што сум отишил досега. Подготовките за улогата беа како искачување стрмен рид“, кажа Шаламе.

„Целосно непознат“ ги следи доаѓањето на тогаш 19-годишниот Дилан во Њујорк во 1961, неговиот брз подем на фолк сцената и преминот кон електричен рок во 1965. Шаламе вели дека ги проучил сите видеа од Дилан од 1960-тите што можел да ги најде.

Боб Дилан му помогнал на режисерот Џејмс Менголд во пишувањето на сценариото, но никогаш не се сретнал или разговарал со Шаламе, кого неодамна го опиша како „брилијантен актер“.

„Сигурен сум дека ќе биде целосно убедлив како Дилан. Или помладиот јас. Или некој друг јас“, напиша музичарот на Икс.

Шаламе веќе доби номинација за Златен глобус за улогата и многумина предвидуваат дека му се насмевнува втора номинација за Оскар. Покрај него, во филмот играат и Ел Фанинг и Едвард Нортон.