ВИЛНЕВ ЌЕ ГО ПРАВИ РИМЕЈКОТ НА „ДИНА“ ВО ДВА ДЕЛА

Монтреал, (Вараети)

Канадскиот режисер Денис Вилнев вели дека по „Истребувач 2049“, можеби, не е најдобра идеја да го прави најскапиот уметнички филм на сите времиња, но смета дека новата верзија на „Дина“ треба да биде во два дела.

„Истребувач 2049“ не ги исполни очекувањата на кино благајните, не заработувајќи ни 100 милиони долари во САД, но затоа помина добро кај критиката и освои два оскари и следниот проект на Вилнев е римејкот на култниот филм на Дејвид Линч од 1984 година, снимен според комплексниот роман на Френк Херберт.

Засега малку се знае за овој проект, освен дека Ерик Рот веќе ја напишал првата верзија на сценариото. Вилнев, кој од студиото „Леџендари“ добил одврзани раце околу овој проект, сега потврди дека „Дина“ ќе биде во два дела.

„Ова е проект од моите сништа. Адаптацијата дефинитивно ќе ја поделиме на два дела. Би сакал да можев двата филма да ги снимам истовремено, но тоа би било многу скапо, па ќе ги правиме еден по еден. И јас работев на сценариото со Ерик Рот и мора да признам дека вака креативен не сум бил десет години“, кажа Вилнев.