ФРАНЦУСКИ ПЕРФОРМАНС И СРПСКА „АНА КАРЕНИНА“ НА ПРОЈКОВСКИ НА МЛАД ОТВОРЕН ТЕАТАР

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Францускиот перформанс и српската претстава „Ана Каренина“ на македонскиот режисер Дејан Пројковски се денеска (16 ноември) на програмата на фестивалот Млад отворен театар – МОТ.

Интерактивната претстава „Скринејџери, втор дел“ (SCREENAGERS vol.2) ќе се изведе во 19 часот во салата „25 Мај“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје.

Претставата е дело на француско-хрватската кореографка Барбара Матијевиќ и на Џузепе Чико, и какп што велат од Францускиот институт, претставува „перформанс во иновативен формат во кој шармантната презентерка и актерка Барбара нè носи на лирско патување низ имагинарниот онлајн свет“.

Во претставата, за сите возрасти (со акцент на тинејџерската публика), се прикажани начините на кои интернетот остава трага на човековиот животот: феноменот на интернет заедниците, е-учењето, музичката разновидност, видео игрите, општата култура.

Во 20:30 часот во Албанскиот театар во Скопје ќе се игра „Ана Каренина“ според романот на Толстој, во режија на Пројковски, продуцкија на Новосадски театар од Србија.

„Нашата Ана Каренина е една жена – всушност не е важно дали е жена или маж – еден човек што сака да биде среќен. Низ нејзиниот лик отвораме бројни врати и се занимаваме со тоа што всушност значи љубовта, колку човекот е спремен на жртва, колку е спремен да се победи себеси, своите стравови, за да ја пронајде смислата на своето постоење. Во тој случај Ана Каренина во нашата претстава е еден сложен систем; и таа, но и сите останати ликови – Каренин, Вронски, Левин, Кити – имаат некоја своја приказна, една борба. Така што оваа претстава покажува дека црното никогаш не е до крај црно, белото никогаш не до крај бело, дека всушност има многу нијанси внатре и дека всушност тоа е нашиот живот“, вели Пројковски.