Вечерва (30 мај) од 20 часот во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ премиерно ќе се изведе претставата „Галеб“ од Чехов во режија на Александар Ивановски.
„’Галеб‘ е драма во која сите ликови се оставени сами на себе да се разбираат и ги контролираат мотивите за трагичните грешки што ги прават, а доаѓаат од љубовта, не од злото. Драмата има две теми и драматуршки линии кои се развиваат во приказната. Примарна е за несреќата од љубовта, втората линија е за љубовта кон уметноста“, вели Катерина Момева, драматург на претставата.
Во претставата играат Славица Манаскова, Филип Христовски, Благојчо Стојанов, Сандра Танчев, Кире Ацевски, Симона Димковска, Јана Лефкова, Исидор Јовановски, Јордан Витанов и Фаик Мефаиловски.
„Претставата е сместена денес и овде. Прекрасен екстериер има, полјана, поток, викенд столчиња, сценографот Коруновски внесе многу, многу модерни работи. Тоа ни дaва многу за ситуациите кои се градат во претставата. Режисерот уште на втората проба ни рече: ‘Заборавете го Чехов, избришете го ‘Галеб’, ние сме тие што го работиме. Не можеме да се вратиме 150 години наназад““, кажа актерот Христовски.
Во создавањето на претставата учествуваа и: Бојана Василковска (асистент на режија), сценографот Филип Коруновски и костимографот Сара Милевска. Билетите за премиерата се распродадени, а останале уште малку за првата реприза на 2 јуни.
Ова е втора премиера на Велешкиот театар годинава, финансирана од годишната програма на Министерството за култура.
П. ПЕЧКОВ