ГЕРМАНСКИ ПЛАНИНАР ЌЕ СЕ ОБИДЕ ДА ГО ИСКАЧИ ЕВЕРЕСТ БЕЗ ШЕРПАСИ И КИСЛОРОД

Катманду, (ДПА)

Јост Кобуш е свесен дека неговите шанси да стигне до врвот се тенки и дека постои можност никогаш да не се врати. Исто така, шансите дека некој ќе го спасува ако нешто тргне на лошо се рамни на нула. Кобуш вели дека токму тоа е привлечноста на неговиот проект.

Дваесет и деветгодишниот Германец ќе се обиде да го искачи Монт Еверест во зима сосема сам, без боци со кислород и помош од шерпаси.

„Некои велат дека сум луд. Но, тоа е здрава лудост. Не е дека одам без подготовки“, вели Кобуш.

Тој го пробал истото и пред две години, но стигнал до 7.350 метри. Во вториот обид се надева дека ќе стигне до 8.000, а потоа и до самиот врв на 8.848,8 метри.

Според официјални податоци, ова досега му успеало само на еден шерпас, но и тој не бил сам. Анг Рита Шерпа, кој почина лани, се искачувал со група јужнокорејски планинари во 1987/88. На врвот стигнал со еден од нив, кој носел дополнителен кислород.

Кобуш веќе соборувал рекорди. Тој е најмладиот планинар кој сам го искачил 6.800 метри високиот врв Ама Даблам и е прв човек кој го искачил врвот Нангпаи Госум, висок околу 7.300 метри.

„Знам дека моите семејство и девојка се загрижени, но таквите мисли ги тргам настрана и се фокусирам на целта. Ова е медитативно искуство и не чувствувам ништо додека го правам тоа“, вели Кобуш.

Тој планира да ги направи своите обиди меѓу 22 декември и крајот на февруари.