Хор составен од седум деца од основното училиште „Кочо Рацин“ од Скопје го освои првото место на Светскиот Куп во фолклор, „Соправиста“ во местото Лидо ди Јесоло кај Венеција во Италија. Младите македонски хористи победија конкуренти од 12 земји учесници со околу 500 натпреварувачи во различни категории, со две македонски народни песни во нови аранжмани, а ментор им беше наставничката по музичко Наташа Митрова.
„Децата му покажаа на светот како е да се биде најдобар меѓу најдобрите. Се слушнаа убави мелоси на македонски песни, обработени за хорска изведба. Сите учесници разбраа дека Македонија е земјата која оваа година ќе ја предводи парадата, со веење на македонското знаме. Победнички, силно, достоинствено, храбро и смело, во срцето на Италија се слушна македонската песна“, вели Митрова.
Ова не е прва награда на хористите, тие континуирано со години наназад добивааат први места на општинските, регионалните и државните натпревари во Македонија.
„Лани учествувавме на меѓународрн натпревар, ‘Арт ин’ во Кавадарци, на кој повторно освоивме прво место. Се решив да отидеме и надвор да си ја пробаме среќата, и така лани во октомври бевме во Римини, Италија на истиот фестивал „Соправиста“. Сите бои на уметноста, но со поинаква концепција. Го освоивме првото место и тоа беше поттик за понатамошни натпревари“, ни рече наставничката Митрова. По првото место во Римини, таа и учениците одлучиле да се пријават повторно на „Соправиста“, сега насловен како Свтски куп на фолклорот.
„Замислете, 7 мали деца ја направија татковината горда, го направија гордо и своето училиште. Децата беа среќни, плачевме од среќа кога слушнавме дека сме на прво место“, вели Наташа Митрова. Таа е горда на своите ученици: Олег, Софија, Мартин, Мина, Меглена, Александра и Јана.
М. ЏАРОВСКА