Познатиот француски сопран со македонско потекло, оперската пејачка Елена Голомеова со нетрпение ги очекува настапите во Македонија. Ова лето, првиот нејзин настап ќе биде утре (15 јули) со „Марселезата“ во Француската амбасада во Македонија за Денот на Француската Република. Утревече ќе настапи на Скопско лето која и на 17 јули во родниот Штип каде ќе има концерт во Уметничката галерија „Безистен“ на Штипското културно лето.
Штипското културно лето Голомеова го отвори во 2018 кога по две децении престој и живот во Франција, првпат беше поканета да гостува во родниот Штип. Во 2021 го отвори 36. издание на „Макфест“ кога со оперски арии од три победнички песни се претстави пред штипската публика.И тогаш и на секое наредно гостување во Македонија и Штип таа изјавуваше дека е пресреќна што има настап дома.
„Во Франција сум од 2000. И, кога по 18 години престој во Ница и Париз во Франција првпат добив покана од Македонија да гостувам во својата родна земја, веднаш се заблагодарив и без никакви посебни барања, прифатив. Кога сите во лето одат во Ница покрај море каде што живеам , јас на покана од моите сограѓани, доаѓам во Македонија и настапувам во нивна чест“, вели Голомеова.
Голомеова средно музичко училиште заврши во Штип и Скопје, а потоа високи студии по соло пеење, заврши во Ница, а магистрира во класата на професорката Жаклин Бонардо. Нејзина прва оперска и животна дестинација и беше Ница, неколку години потоа замина за Париз.
Т. ЈОВАНОВСКИ
Фото: СДК.МК