Шеснаесетгодишниот Горазд Ристовски е член на тимот на Црвена звезда кој оваа сезона стана кадетски шампион на Србија. Неговите родители велат дека биле изненадени кога тој добил понуда да оди во Белград.
Горазд почнал да се занимава со фудбал на четири и пол години. Прво тренирал во школата на Јовче Џипунов, Форца, па во Работнички, по што две години бил дел и од Академијата на Фудбалската федерација на Македонија.
„Сето тоа се одвиваше многу нормално, без форсирање и мешање од наша страна. Горазд две години беше дел од Академијата на ФФМ и откако се врати во својот клуб, добивме покана од Црвена звезда. Веројатно го следеле скаути и го забележале. Горазд ја помина пробата и веќе две години е дел од младите категории на клубот“, велат родителите на Горазд и додаваат:
„Горазд за сѐ сам се избори. Во фамилијата немаме врска со фудбалот. Сѐ постигна со свои залагања и желба“..
Генерацијата 2007 година важи за една од најталентираните на Црвена звезда во овој век. Конкуренцијата во тимот е огромна, десетмина играчи се репрезентативци на Србија кои го освоија третото место на неодамнешното Европско кадетско првенство. Изминатиов викенд, Горазд со Црвена звезда го освои традиционалниот регионален турнир „Куп на пријателството“, кој се одржува на Златибор.
Горазд игра на позицијата лев бочен (wingback) и сега ќе премине во младинска категорија. Самиот тој е многу среќен што е дел од толку конкурентна екипа и смета дека ова му дава голема можност за сигурен напредок кон сениорскиот фудбал. Сон му е да настапи за првиот тим на Црвена звезда и за А-репрезентацијата на Македонија.
По стапките на Горазд тргна и неговиот помлад брат Бодан.
„Бодан сега завршува осмо одделение и исто така тренира фудбал, во Работнички. Сега имаме двајца фудбалери во семејството“, истакнуваат родителите.
Г. КОНЕВ