ГОРД СУМ ШТО ЌЕ БИДАМ ПРВИОТ ИТАЛИЈАНСКИ СВЕТСКИ РЕКЕТ БРОЈ ЕДЕН, ВЕЛИ ЈАНИК СИНЕР

Париз, (Ројтерс)

Јаник Синер имаше неочекуван пат до врвот на АТП-листата откако Новак Ѓоковиќ се повлече од Ролан Гарос, но кажа дека тоа е кулминација на години напорна работа и момент на гордост за Италија.

На 22-годишниот Синер првично му требаше пласман во финалето на Ролан Гарос за да го преземе првото место на светската ранг-листа од понеделник, но потврдата за тоа дојде малку порано, откако организаторите вчера објавија дека бранителот на титулата се повлекува од турнирот поради повреда на десното колено. На тој начин, Синер ќе стане првиот Италијанец со статусот светски рекет број еден.

„Што да кажам? Секој тенисер сонува за тоа. Секако дека ми значи многу, иако не се случи онака како што очекував. За два дена имам многу важен меч, против Карлос Алкарас во полуфиналето, па сега се фокусирам на тоа“, кажа Синер.

Тој ја освои првата гренд слем титула кога на стартот на сезоната го победи Ѓоковиќ во финалето на Отвореното првенство на Австралија, а лани ја предводеше Италија до трофејот на Дејвис купот.

„Ова се големи моменти за италијанскиот тенис. Среќен сум што сум дел од ова италијанско движење. Италијанците сега повеќе сакаат да играат тенис и тоа е она најважното“, рече Синер.

(Фото: АП)