ХАРИ Ѝ СЕ ПРИДРУЖИ НА МЕГАН ВО КАНАДА, ЌЕ ПРЕСТОЈУВААТ ВО ВИЛА ОД 10 МИЛИОНИ ФУНТИ НА ОСТРОВ

Лондон, (Би-Би-Си)

Војводата од Сасекс пристигна во Канада, каде што треба да почне нов живот надвор од кралските должности. Тој утрово слетал на островот Ванкувер во Британска Колумбија за да им се придружи на сопругата Меган Маркл и осуммесечното синче Арчи.

Ова уследи откако принцот Хари изјави дека „го следел срцето“ во својата одлука да се повлече од кралските должности и да се откаже од кралските титули, додавајќи дека „немало друго решение“. Од оваа пролет, војводата и војвотката од Сасекс, кои и натаму ќе бидат вака ословувани, веќе нема да бидат вработени членови на кралското семејство.

Меган Маркл на прошетка низ Ванкувер со синчето Арчи и двете кучиња (Фото: Сплеш њуз)

Хари и Меган беа на продолжен шестнеделен божиќен одмор на островот Ванкувер, а во Велика Британија дојдоа по нова година. Меган потоа се врати на западниот брег на Канада, каде што остана малиот Арчи.

Хари вчера присуствуваше на Инвестицискиот самит Африка-Велика Британија, што веројатно беше еден од неговите последни кралски ангажмани.

Пред доаѓањето на Хари, Меган Маркл беше снимена во Ванкувер како со синот Арчи ги шета нивните две кучиња, следени од обезбедувањето. Тие престојуваат во вила од 10 милиони фунти на островот Ванкувер, што ја користат од Денот на благодарноста минатата година.