Авторот на популарната ТВ-серија „Чернобил“ јавно реагираше на несоодветните фотографии што туристите ги објавуваат на социјалните мрежи од посетата на напуштената област во Украина.

Откако минисеријата за катастрофата во нуклеарната централа во 1986 почна да се емитува во мај, туризмот во областа порасна за 30 до 40 отсто. Инфлуенсерите на социјалните мрежи изминатиов период се соочија со голем број критики, затоа што ја користат катастрофата за собирање лајкови. Меѓу нив се и фотографиите од девојка во долна облека.

Откако минисеријата за катастрофата во 1986 почна да се емитува во мај, туризмот во областа порасна за 30 до 40 отсто (Фото: Гардијан)

„Прекрасно е што ‘Чернобил’ на Ејч-Би-О предизвика голем туристички бран во оваа зона. Да, ги видов фотографиите насекаде. И затоа сакам да порачам, ако го посетите местото, запомнете дека таму се случи ужасна трагедија. Прифатете го тоа и имајте малку почит кон оние кои настрадаа и беа жртви“, напиша Крег Мазин на Твитер.

Припјат, кој е оддалечен 120 километри од главниот град Киев, е отворен за посети од 2001, но таму може да се влезе само со специјално организирани тури.

Иако официјалната бројка на починати во катастрофата е 31, степенот на последиците никогаш нема прецизно да се утврди. Околу 1.000 луѓе беа озрачени од висок степен на радијација, а 116.000 жители на Припјат и на градовите и селата во радиус од 30 километри беа евакуирани во следните недели.