Вториот дел на „Гладијатор“ ќе се случува 25 години подоцна од дејството во оскаровецот од 2000, што го режираше Ридли Скот. Тој работи според сценариото на Питер Крег, кој е автор и на продолжението на „Топ ган“.

Сѐ уште не се познати многу детали за филмот, кој беше најавен лани, освен што продуцентите Волтер Ф. Паркс и Лори Мекдоналд кажаа дека работат со Скот и Крег.

„Работиме на приказната која ќе се случува 30-ина години, поточно 25 години подоцна“, изјави Паркс.

Оваа изјава се надоврзува на претходните написи во медиумите дека приказната ќе се фокусира на Луциус, синот на Лусила и внук на Комодус, ликови кои во оригиналниот филм ги играа Кони Нилсен и Хоакин Феникс.