ИМАМ БОЛЕСТ ВО ГЛАВАТА КОЈА САКА ДА МЕ УБИЕ, ВЕЛИ РОБИ ВИЛИЈАМС

Лондон, (НМЕ)

Роби Вилијамс проговори за своите ментални проблеми во интервјуто за „Сан“, опишувајќи дека се бори со болест во главата која сака да го убие.

Британската поп-ѕвезда веќе долго време се бори со депресија, но како што откри, првите ментални проблеми му се појавиле уште кога имал 19 години.

За среќа, но и за жал, склон сум кон тоа сѐ да саботирам. Имам болест која сака да ме убие и таа е во мојата глава, па морам да се бранам од тоа. Понекогаш ме обзема, а понекогаш е алатка што ми е потребна да излезам на сцена. Понекогаш живеам во блаженство и тогаш е прекрасно. Но, повеќето од времето јас сум човек, имам човечки искуства и се обидувам да се справам со искушенијата и маките што се случуваат меѓу моите уши“, кажа 44-годишниот Вилијамс.

Споредувајќи се со Џорџ Мајкл, тој додава дека и неговиот живот често висел на конец.

„Имајќи предвид низ што сѐ поминав, бев преблиску до крајот толку многу пати“, вели Вилијамс, кој своевремено призна дека бил „на 24 часа до смртта“ во периодот кога најмногу се дрогирал.