Избрани се финалистките на изборот на Мис на Македонија за Мис Универзум, што ќе се одржи на 8 октомври во Националната опера и балет. Од пријавените кандидатки, за кои организаторите објавија дека биле преку 200, петчленото жири избра 20.
„Покрај убавината, ставот и одењето, голем акцент при изборот се стави и на изразувањето на девојките, странските јазици кои ги зборуваат, нивната цел во животот и идејата како би ја претставиле нашата земја во светот“, велат организаторот, турската модна агенција „Даман“ од Истанбул, чиј сопственик Шакир Села е од Македонија, а живее и работи во Турција.
Села вели дека во следните денови девојките ги очекуваат низа активности, како снимање промотивни материјали и видеа, претставувања на повеќе локации низ Македонија, неколку хуманитарни акции и подготовки за финалната вечер. На кореографиите ќе работи кореограф од Турција.
Победничката на домашниот избор, освен круна, ќе добие и годишен договор со агенцијата „Даман“ во вредност од 50.000 евра и ќе патува во Мексико, каде што со уште 130 девојки од светот ќе се натпреварува за титулата Мис Универзум на 16 ноември.
М. ЏАРОВСКА