ИЗЛОЖБА НА ФОТОГРАФИИ НА МАКЕДОНСКИ СПОРТИСТКИ ОД МАЈА АРГАКИЈЕВА ПОСТАВЕНА ВО ВЕЛЕС

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Изложба на спортски фотографии „Жената во спортот“ на Маја Аргакијева е отворена во Европската куќа во Велес. На фотографиите се претставени девет успешни македонски спортистки, кои преку нивните достигнувања и посветеност се синоними за трите олимписки вредности: извонредност, почит и пријателство.

Изложбата ќе биде отворена до 22 мај (Фото: СМАРТ СДК.МК)

Изложбата е поставена во пресрет на Олимписките игри во Париз, кои ќе се одржат летово. На фотографиите се Арбреша Реџепи – џудо, Ана Марија Ѓорѓиевска – теквондо, Дрита Исмаили –атлетика, Поликсенија Јовановска – карате, Ана Цветановска – нордиско скијање, Катерина Николовска – џудо, Мирјана Рељиќ – теквондо, Наташа Мешковска – пливање и фудбалската судијка Ива Пројкоска.

Изложбата е во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот институт, во партнерство со Амбасадата на Грција и Олимпискиот комитет на Македонија. Ќе биде отворена до 22 мај.

П. ПЕЧКОВ