На 14 август во 20 часот, во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се отвори изложба на уметникот Доротеј Нешовски.
„Најновата уметничка продукција на Доротеј Нешовски насловена ‘Ноќна шума’ е продолжување на неговите истражувачки методи долгорочно посветени на трансформативниот потенцијал на неколку едноставни формални елементи и материјали со кои работи во различни формати: дрвени боици, вертикали, сенки, транспарентни слоеви, кои ја имаат главната улога и во оваа поставка“, рече визуелниот уметник Дарко Алексовски.
Нешовски, кој е роден во 1989 во Скопје, е интердисциплинарен уметник. Еден е од основачите на уметничката група „ЅЕЕ“, со која има реализирано повеќе проекти. Дипломирал во 2012 на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот вајарство, со поднасока сценографија.