ИЗЛОЖБАТА „СТАРИТЕ МАЈСТОРИ И МАКЕДОНСКАТА МОДЕРНА“ СЕ ОТВОРА НА 6 МАЈ ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ. СДК.МК)

На 6 мај во 20 часот во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе се отвори изложбата  „Старите мајстори и македонската модерна“, од авторот проф. д-р Кирил Пенушлиски.

Изложбата е истражувачки проект чија централна тема е сложениот однос меѓу европското уметничко наследство и развојот на модерната уметност во Македонија.

„Поаѓајќи од творештвото на старите мајстори како темел на европската ликовна традиција, изложбата го разгледува нивното влијание – како извор на техничко знаење, но и како поттик за критичко преиспитување и творечка трансформација. Посебен акцент е ставен на процесите преку кои македонските уметници, во специфични историски и културни околности, воспоставуваат посреден дијалог со ова наследство. Преку изучување, копирање на класични дела, интерпретација и трансформација, тие развиваат сопствени визуелни јазици и придонесуваат кон обликувањето на македонската модерна уметност“, стои во најавата за изложбата.

Меѓу уметниците чии дела се изложени се: Лазар Личеноски, Борко Лазески, Глигор Чемерски, Илија Пенушлиски.

Изложбата ќе биде отворена до 20 мај.