Шоџи Моримото има она што многумина би го нарекле работа од сништа: заработува, а не работи речиси ништо. Триесет и осумгодишниот жител на Токио наплатува 10.000 јени (71 долар) по ангажман за да придружува клиенти и толку.
„Во суштина, се изнајмувам себеси. Мојата работа е да бидам таму каде што моите клиенти сакаат и да не правам ништо посебно“, вели Моримото, додавајќи дека во изминатите четири години имал околу 4.000 ангажмани.
Најголемиот дел од клиентите ги наоѓа преку Твитер, каде што има 250.000 следбеници. Вели дека една четвртина од клиентите се повторуваат, а еден од нив го изнајмил веќе 270 пати.
Со еден клиент се играл на клацкалка во парк, а на целосен странец кој сакал некој да го испрати му мавтал од прозорец на воз. Одбил понуда да премести фрижидер и да оди во Камбоџа и не прифаќа понуди од сексуална природа.
Пред да ја најде својата животна професија, Моримото работел во издавачка компанија и често му приговарале дека ништо не работи.
„Почнав да се прашувам што ќе се случи ако мојата способност да не работам ништо ја понудам како услуга на клиенти“, вели Моримото.
Бизнисот со придружба е единствениот извор на приходи за Моримото, кој е женет и има дете. Иако одбива да каже колку заработува, вели дека често има еден-два ангажмана на ден.