Јапонската Управа на царскиот двор се очекува уште утре и формално да ја објави венчавката на принцезата Мако со нејзин колега од факултет, што се одложуваше со години и беше предмет на контроверзи во јавноста.
Дваесет и деветгодишната внука на тогашниот цар Акихито и Кеи Комуро се свршија во 2017, но венчавката беше стопирана поради финансиски спор помеѓу мајката на Комуро и нејзиниот бивш свршеник.
Деталите од венчавката не се објавени, но двојката се согласи да се откаже од еднократната исплата од еден милион долари, со што Мако ќе го задржи својот царски статус. Оваа исплата им следува на членовите на царското семејство во случај на венчавка со обичен граѓанин. Двојката ќе се регистрира во локална владина канцеларија.
Мако и Комуро се опишуваат како јапонските Хари и Меган и по венчавката, тие исто така планираат да почнат нов живот во САД. Комуро моментално е вработен во адвокатска фирма од Њујорк и во понеделникот пристигнал во Јапонија првпат после три години.
Контроверзите околу нивниот брак почнаа кога еден јапонски таблоид објави дека мајката на Комуро му должи 35.000 долари на нејзиниот поранешен свршеник, за кои Комуро тврдеше дека ги добиле како подарок, а не како заем.